Битола го добива својот прв Techstars Startup Weekend
54 часа пичување, градење тимови и валидација на идеи — од 11 до 13 септември, претприемачкиот викенд-маратон за прв пат доаѓа во Битола.

По Охрид, уште еден македонски град влегува на глобалната мапа на Techstars. Од 11 до 13 септември, коворкинг просторот Qworkingo, со поддршка од софтверската компанија Qodix, ќе го организира првиот Techstars Startup Weekend Bitola — настан што се одржува во над 170 земји ширум светот.
Што е Startup Weekend?
Форматот е едноставен, но интензивен: 54 часа од петок навечер до недела. Учесниците доаѓаат со идеја (или без неа), ја пичуваат пред останатите, формираат тимови и во текот на викендот работат на валидација, прототип и бизнис-модел — со поддршка од ментори од индустријата. Сè завршува со финални презентации пред жири.
За многумина, ова е прво искуство од таков тип: првпат да застанат пред публика со сопствена идеја, првпат да работат во тим со непознати луѓе, првпат да добијат фидбек што малку боли, но многу помага. А токму на вакви настани често се склучуваат врски што траат — со идни кофаундери, клиенти, ментори или инвеститори.
Кој стои зад настанот?
Организаторите не се нови во оваа игра. Qworkingo е првиот коворкинг простор во Битола со пристап 24/7, изграден како место каде луѓето се среќаваат, работат и учат едни од други. Тимот на Qodix, пак, со години е активен во регионалната хакатон-сцена: биле ментори и волонтери на Startup Weekend Ohrid и настапувале на повеќе од 20 хакатони — од Монтреал и Москва до Тиват — со неколку први места донесени дома.
Како што велат самите организатори, го знаат притисокот, го знаат хаосот и го знаат моментот кога една идеја почнува да станува нешто реално. Сега сакаат тоа искуство да го доживеат повеќе луѓе од Битола и регионот.
Зошто е ова важно?
Македонската стартап сцена долго време гравитира околу Скопје. Настани како овој се чекор кон вистинска децентрализација — можност младите од Битола и југозападниот регион да не мора да патуваат за да го вкусат стартап светот. Охрид веќе покажа дека форматот функционира и надвор од главниот град. Сега е ред на Битола.
Што следува?
Во наредниот период организаторите ќе објават детали за учесниците, менторите, жирито, билетите и целосната програма. Истовремено, отворен е повик за поддржувачи, партнери и спонзори — сите што веруваат дека Битола заслужува повеќе градители и повеќе стартап енергија.
Датумот е закажан: 11–13 септември.
Поврзани статии
Siri добива опции за прилагодување на брзината и изразноста во iOS 27 бета
Со најновата iOS 27 developer бета, Apple им овозможува на тестерите да ги прилагодат брзината („Pace“) и изразноста („Expressivity“) на новата Siri базирана на генеративна вештачка интелигенција.…
Мета го претстави новиот Muse Image модел со контроверзна функција за вклучување на други корисници
Мета го лансираше Muse Image, првиот модел за генерирање слики создаден од нејзиниот оддел Superintelligence Labs, кој сега ги напојува алатките за создавање слики во Meta AI апликацијата, Instagram…
Uber ги паузира плановите за ширење во Европа
Според Financial Times, Uber застанал со пет од седумте најавени нови европски пазари за 2026 година, меѓу кои Австрија, Норвешка и Грција. Компанијата вели дека сака да се фокусира на постојните…



